Најмалку пет лица се загинати откако силното невреме предизвика ретка појава на торнадо во Чешка. Обилните дождови предизвикаа хаос на југоистокот на земјата.

Чешката полиција и службите за итни случаи соопштија дека во невремето се повредени околу 200 лица, од кои 60 се примени во болниците.

Торнадото синоќа опустоши седум села во областа Јужна Моравија, притоа уништувајќи куќи и откорнувајќи покриви. Има мноштво искршени прозорци, а силните ветрови уништиле и автомобили.

Служните за итна помош продолжуваат со потрагата по луѓето заробени под урнатините, а стотици пожарникари одат од куќа до куќа.

Чешката армија испрати војници и тешка опрема во регионот да помогнат во потрагата.

Министерот за внатрешни работи, Јан Хамачек, кој ситуацијата ја опиша како „голема катастрофа“, исто така се упати кон областа. Премиерот Андреј Бабиш се очекуваше попладнево да го стори истото, по неговото враќање од самитот на ЕУ во Брисел.

Владата вети финансиска поддршка на погодените семејства, од кои некои го загубија целиот дом.

Чешката метеоролошка служба CHMU потврди дека штетата е предизвикана од торнадо, што е ретка појава во регионот. Последната бура од овој калибар во Чешка била регистрирана пред три години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.