Француските здравствени власти ги дадоа првите официјални бројки за бројот на смртните случаи во старските домови од почетокот на кризата. Според нецелосните бројки, досега починале најмалку 884 стари лица од коронавирусот, а најмалку 14.638 лица се „потврдени или можни“ случаи на заболување.

Генералниот директор во француското здравство, Жером Саломон, истакна дека собирањето на податоците сè уште не е целосно консолидирано и дека има значителни разлики од еден регион до друг во овој процес. Ова е првпат властите да изнесат проценка – дури и нецелосна – за смртните случаи во сместувачките домови за зависни стари лица (Ехпад).

Во однос на смртните случаи во болниците, од 1 март досега, во француските болници починале 4.503 луѓе, вклучувајќи и 471 смртни случаи забележани во последните 24 часа, прецизираше Саломон.

Во моментов има повеќе од 26.000 хоспитализирани лица, од кои 6.399 се наоѓаат на интензивна нега (почетниот капацитети на Франција беше 5.000 кревети), или 382 повеќе за еден ден, што претставува прво намалување од понеделникот. Од 1 март скоро 12.000 луѓе ја напуштиле болницата како излечени, „бројка која се зголемува секој ден“, рече Саломон.

Генералниот директор за здравство, исто така, посочи дека е забележано зголемување на смртноста за девет отсто (во однос на периодите без епидемија) на територијата на Франција во текот на неделата од 23 до 28 март, особено во 26 департмани. Од нив дури осум се во Ил-де-Франс. Притоа тој наведе два најпогодени департмани, а тоа се , Сена-Сан Дени и Горна Рајна во регионот Гранд Ест – без да прецизира до кое ниво стигнало зголемувањето на смртноста.

Инаку според многу сложени начини за пресметка, се смета дека од коронавирусот во Франција биле заразени малку повеќе од два милиона Французи, или три отсто од вкупното население.

-Овие проценки треба да бидат земени со голема претпазливост. Тие се засноваат на параметри што не се доволно познати, почнувајќи од стапката на смртност. Нијансата е важна, бидејќи со стапка на смртност која би изнесувала само 0,1 отсто, заради поголем број пациенти без никакви симптоми, на пример, тоа значи дека 30 отсто од француската популација во моментов би биле погодена од Ковид-19, коментира Жан-Стефан Дерсин, математичар специјализиран за моделирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.