Кипар, Грција и Израел потпишаа прелиминарен договор за изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен далновод, што ќе биде поставен на дното на Средоземното Море.

Кабелот ќе ги поврзе електричните мрежи на трите земји, а проектот е вреден 900 милиони долари.

Проектот, наречен Евроазиски интерконектор, ќе обезбеди резервен извор на енергија во случај на катастрофа – информира израелскиот министер за енергетика Јувал Штајниц, кој престојува во Никозија заради потпишување меморандум за разбирање со неговите колеги од Грција и Кипар.

Според Кипар, проектот е клучен чекор што ќе стави крај на енергетската изолација на островот.

Од израелското Министерство за енергетика објаснија дека кабелот ќе има капацитет од 1000-2000 MW и се очекува да биде завршен до 2024 година.

Кабелот ќе биде долг 1.500 километри и ќе биде поставен на максимална длабочина од 2.700 метри, што го прави најдолгиот електропровод и поставен на најголема длабочина.

Првата фаза се очекува да почне во 2025 година. Кабелот ќе опфати три дела во Медитеранот: 310 км меѓу Израел и Кипар, 900 км меѓу Кипар и Крит и 310 км помеѓу Крит и континентална Грција.

Грчката компанија за електрична енергија ИПТО започна со изградба на делницата од Крит до копното, а се очекува да заврши до 2023 година.

Европската Унија го признава кабелот како проект од заеднички интерес, што значи дека е подготвена да обезбеди финансирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.