Почнувајќи од денеска, секој жител на Њујорк кој ќе ја прими првата доза од вакцините против корона вирусот ќе добие награда од 100 американски долари.

Градоначалникот Бил де Блазио го објави новиот поттик за вакцинација, што има за цел да ги стимулира граѓаните да ја примат првата доза од вакцината против Ковид-19.

Наградата од 100 долари важи за сите граѓани и вработени кои сè уште не ја примиле првата доза.

Секој што не сака пари може да добие друг подарок, како што се билети за натпревари на ФК Њујорк сити, билети за Бруклин Сајклонс, пропусница за 10 возења со траектот NYC Ferry и некои други поволности.

Поттикот доаѓа откако Делта варијантата го зголеми бројот на заболени низ целата земја и ги принуди Центрите за превенција и контрола на болести да издадат нови упатства за носење маски.

Досега во Њујорк се дистрибуирани близу 10 милиони дози вакцини, а повеќе од 4,9 милиони жители на Њујорк добиле најмалку една доза, информира Де Блазио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.