Утрово на берзата во Лондон цената на нафтата за септемвриските фјучерси постепено се качува, но сепак го задржува трендот од неделава и останува под 95 долари за барел.

Пад на цената на суровата нафта е регистриран и на американскиот пазар каде WTI нафтата чини под 89 долари за барел, цена којашто важеше на почетокот од февруари годинава.

Цената на нафтата доживеа голем пад во средата откако беше објавено дека резервите во САД се поголеми од очекуваното бидејќи потрошувачката паѓа поради високите цени на дериватите. Освен тоа, Кина, која е најголем увозник на нафта и нафтени деривати придонесува за падот поради нејзината ковид политика на затворање на ризичните области.

Стравот од економски пад во Европа и во САД кој може да донесе рецесија е најголемата причина за падот на цената особено откако земјите од ОПЕК + се согласија да произведуваат 100.000 барели нафта повеќе на дневно ниво (0,1% од светската побарувачка) во услови на намалена побарувачка.

Сепак разговорите за рецесија се се погласни и можно е таа да стане реалност во услови на неизбалансираност, вели за Ројтерс, Крег Ерлам, берзански аналитичар од Лондон, кој очекува и пад на нафтата под 90 долари ако продолжат надолните економски трендови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.