Цените на суровата нафта може да достигнат 100 долари за барел во првиот или вториот квартал од следната година, бидејќи глобалните резерви се на најниско ниво, изјави ирачкиот министер за нафта, Ихсан Абдул Џабар.

Тој им рече на новинарите во Багдад дека сумата од 75 до 85 долари е „прифатлив“ опсег на цени за барел сурова нафта на долг рок, пренесе „Ројтерс“.

Посочи дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои ја сочинуваат групата ОПЕК +, се против неразумно зголемување на цените над прифатливите нивоа, но „во исто време се против акумулација на глобалните резерви на нафта, што може да доведе до колапс на нафтените пазари“.

Џабар додаде дека во рамките на групата ОПЕК + се водат разговори за начини за балансирање на цените на нафтата, истакнувајќи дека засега нема одлука за зголемување на производството над нивото предвидено со претходно потпишаниот договор за додавање на 400 илјади барели дневно на пазарот секој месец.

Државниот буџет на Ирак за 2022 година ќе се базира на цената на нафтата од 55 до 60 долари, рече тој, додавајќи дека очекува дека извозот на „црното злато“ од таа земја во октомври ќе изнесува просечно 3,4 милиони барели дневно, вклучително и нафтата од курдскиот регион во северен Ирак.

Цените на нафтата малку се намалија во азиската трговија, но сепак се блиску до највисоко ниво во изминативе години, поради продолжувањето на енергетската криза што ги тресе сите региони во светот. Цената на американските фјучерси за нафта WTI се лизна за 0,45 проценти до 82,59 долари за барел, што не е далеку од максималниот регистриран во понеделникот од 83,18 долари – највисокото ниво од 2014 година.

Северноморската нафта Брент поевтини за 0,4 проценти до 84,71 американски долари, се наведува во извештајот на британската агенција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.