Анкета на белгиското здружение за заштита на потрошувачите покажува дека на 57 отсто од граѓаните во Белгија им е поткопана довербата во вакцината на „Астра-Зенека“, поради постојаните проблеми со оваа компанија.

Анкетата е извршена меѓу 26 и 30 март, односно пред потврдата на Европската Агенција за лекови дека постои поврзаност на вакцината со згрутчувањето на крвта. „Астра-Зенека“ од самиот почеток се соочува со проблеми во ЕУ: непочитување на договорите за дистрибуција на дозите, недоволни тестови кај постари лица, ризик од тромбози. Овие тешкотии се одразија и на општата доверба во вакцините во Белгија, бидејќи 41 отсто од граѓаните изјавиле дека губат доверба во сите вакцини поради проблемите со „Астра-Зенека“.

Европската Комисија вчера повика земјите на ЕУ да заземат координиран и обединет став за „Астра-Зенека“ токму за да не се изгуби довербата на граѓаните во овој процес.

Во меѓувреме, еден од најтиражните белгиски весници, „Ле Соар“, вчера објави истражување за „Астра-Зенека“ кое, меѓу другото, објаснува зошто оваа фирма неосновано и давала предност на Англија. Истражувањето обелоденува и дека оваа фармацевтска компанија во своите договори вклучи клаузула која и овозможува да прогласи крај на пандемијата во јули 2021, по што ќе смее да прави профит од вакцините што ги продава.

Сите овие информации негативно се одразуваат на општата доверба во земјата, а здравствените власти на Белгија вчера одлучија дека „Астра-Зенека“ нема да се дава на лица помлади од 55-годишна возраст.

Белгиското тело за заштита на потрошувачите, исто така, открива дека целата ситуација со вакцината на „Астра-Зенека“ негативно влијаела и врз перцепцијата на 40 отсто од белгиските граѓани за работата на Европската агенција за лекови.

Четириесет и седум отсто од Белгијците планираат да се вакцинираат без разлика на се. Останатите 53 отсто се колебаат или не сакаат да се вакцинираат. Кај оваа група 39 отсто се плашат од нус појавите додека 33 отсто немаат воопшто доверба во процесот на развој на вакцините.

За портпаролката на здружението, Жили Фрер, ова е доказ дека граѓаните имаат потреба да бидат добро информирани за да стекнат доверба. Таа нагласува дека анкетата покажува дека 68 отсто од лицата што се сметаат за добро информирани за вакцините се подготвени да ги примат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.