Во 2020 година повеќе од 280 милиони луѓе се со статус на меѓународен мигрант, што претставува 3,6 отсто од светското население, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ), во пресрет на Меѓународниот ден на мигрантите,

Овој ден се одбележува на 18 декември со одлука на Генералното собрание на ОН во 2000 година и е последица на големиот и се поголем број мигранти во светот.

Претседателот на Ад-хок комисијата за миграција и потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Кристијан Вигенин, повика на подобрување на меѓународната соработка во областа на миграцијата, како и на балансирање на сувереното право на државите да ги заштитат своите националните граници и почитувањето на човечкиот живот.

Во многу области во регионот на ОБСЕ, децата, жените и мажите се движат напред-назад преку границите, со целосно непочитување на нивните основни човекови права – наведува Вигенин.

Овогодинешниот Меѓународен ден на мигрантите ја одбележува 70-годишнината од Конференцијата во Брисел, која доведе до основање на организацијата, која од 1989 година е преименувана во Меѓународна организација за миграција.

Основана во 1951 година, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) е водечка меѓувладина организација во областа на миграцијата.

ИОМ моментално има 162 земји-членки и девет со статус на набљудувачи, како и канцеларии во над 100 земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.