Израел веќе вакцинираше милион граѓани против Ковид-19 и најави крај на епидемијата до пролет, пишува „Би-Би-Си“ и го поставува прашањето како Израел успеа да обезбеди големи количини вакцини и да го вакцинира населението неспоредливо побрзо од другите земји?

Во апсолутен број на дози на вакцини дадени на населението, Кина води со 4,5 милиони, потоа САД со близу три милиони и Велика Британија и Израел со по еден милион.

Сепак, според статистичките податоци во реално време значителен дел од населението е вакциниран само во Израел (11,55 дози на 100 жители) и Бахреин (3,49 дози на 100 жители), потоа  Велика Британија и Исланд со околу 1,5 дози на 100 лица.

Дел од успехот на Израел може да се припише на блискоста на премиерот Бенјамин Нетанјаху со Алберт Бурл, шефот на американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“.

Израел потпиша договор со „Фајзер“ за вкупно осум милиони дози, а добива и други шест милиони од „Модерна“. И во таа фармацевтска компанија, личните врски не се занемарливи – медицинскиот директор Тал Закс е со израелски корени.

Фармацевтските гиганти го гледаат Израел како идеална област за пилот-проект за вакцинирање на целото население, бидејќи тоа е мала, централизирана земја со развиен здравствен систем.

Но, медиумите пишуваат дека причините може да имаат поинаква природа.

Израел плаќа дури 23 евра по доза за вакцината „Бионтек-Фајзер“, што е за 40 проценти повеќе од цената што ја плаќа американската држава и скоро двојно повеќе отколку што плаќа ЕУ. Имено, според списокот што случајно го објави белгискиот државен секретар Ева де Блекер, во ЕУ дозата се набавува за 12 евра.

Израел планира да воведе „зелени пропусници“ за вакцинирани лица во средината на јануари. Со нив, на пример, граѓаните на Израел ќе бидат ослободени од обврската за карантин по враќањето од странство или ќе им биде дозволено да бидат во контакт со заразените.

Во исто време, бројот на дневно регистрирани инфекции во Израел се зголемува и во моментов е околу 6.000 на ден.

Причината за одбивањето на Нетанјаху да воведе строги мерки во областите населени со ултраортодоксни Евреи, иако бројот на заразени лица е драматичен, е тоа што поддршката од ултраортодоксните партии му е важна, особено пред парламентарните избори на 23 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.