Француското обвинителство на судењето за нелегално финансирање на претседателската кампања во 2012 година побара шест месеци затвор за поранешниот претседател на таа земја, Никола Саркози.

Покрај шест месеци затвор, Обвинителството побара условна казна од една година за Саркози, како и парична казна од 3.750 евра, пренесоа француските медиуми.

На Саркози, заедно со уште 13 обвинети, им се суди во аферата „Бигмалион“ под обвинение дека потрошиле десетици милиони евра во кампањата и дека ангажирале ПР компанија по која е именувана аферата, со цел да се покријат зголемените нелегални трошоци.

Поранешниот француски претседател ги негираше тие обвинувања, додека обвинителството наведува дека нема докази дека тој организирал шема за трошење пари, но дека бил свесен за тоа.

На Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, му се суди по ова обвинение од 20 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.