Лидерот на калабриската мафијашка организација ‘Ндрангета, Роко Морабито, (55) е уапсен на североистокот на Бразил, соопшти бразилската полиција.

Морабито, кој е познат и како „кралот на кокаинот“, се наоѓа на списокот на италијанската полиција меѓу 10-те најопасни бегалци, пренесува Анса.

Во Италија, тој е обвинет за мафијашко здружение, трговија со дрога и други злосторства.

Полицијата успеа да ги пресретне неговите телефонски разговори во кои тој преговара за набавка на речиси еден тон кокаин од Јужна Америка, вреден околу осум милиони евра.

Морабито се наоѓа во бегство од 2019 година, откако избега од уругвајскиот затвор, а е уапсен заедно со уште еден бегалец, чиј идентитет не се открива, по заедничката истрага на полициите на Бразил и Италија.

Морабито е осомничен за шверц на наркотични средства во 90-тите години на минатиот век од Бразил во Европа, а во отсуство е осуден на 28 години затвор во Италија.

Тој важи за еден од најбараните криминалци во светот. Во 2017 година беше уапсен во Монтевидео, откако претходно 13 години живеел под лажно име во уругвајското одморалиште Пунта дел Есте.

Уругвајските власти ја одобрија неговата екстрадиција во Италија, но во јуни 2019 година, тој успеа да избега од затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.