Британскиот писател, Салман Ружди, кој беше избоден неколку пати во вратот и стомакот од напаѓач на сцената за време на предавање во американската сојузна држава Њујорк, е опериран и сега е на респиратор, објави неговиот агент Ендрју Вајли.

Тој изјави дека Ружди не може да зборува и дека би можело да изгуби едно око.

Салман веројатно ќе го изгуби едното око, нервите во раката му се прекинати, а црниот дроб му е избоден и оштетен – соопшти Вајли.

Њујоршката полиција соопшти дека го привела Хади Матар, напаѓачот на познатиот писател, кој беше нападнат додека се подготвувал да одржи предавање во западниот дел на Њујорк.

Матар, 24-годишен маж од Фервју, Њу Џерси, купил билет за да присуствува на настанот, соопшти полицијата. Новинар на АП видел човек како упаднал на сцената во Институтот Чаутаука и почнал да го удира и прободува Ружди додека го претставувале на почетокот на предавањето.

Водителот кој беше со него на сцената, Хенри Рис, се здобил со полесна повреда на главата и е пренесен во локалната болница. Напаѓачот бил совладан од присутните, по што го привела полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.