Иранската воена морнарица во Ормутски Теснец запленила танкер што пловел под знаме на Либерија.

Централната команда на американската армија објави и црно-бела видео-снимка на која се гледа како, најверојатно, ираснките специјални сили се спуштаат од хеликоптер на танкерот. По пет часа танкерот бил ослободен.

Екипажот на танкерот не упатил повик за помош пред и за време на упадот на иранските специјални сили.

Централната команда на американската армија наведува дека во акцијата бил вклучен хеликоптер „Шикорски СХ-3 Си Кинг“, кој го користи иранската воена морнарица.

Американската армија не даде објаснување за иранската заплена на танкерот, а иранските медиуми и претставници не го коментираат инцидентот.

Како што пораснаа тензиите помеѓу Иран и САД минатата година, по американското еднострано повлекување од мултилатералниот нуклеарен договор од 2015 година, танкерите што пловат во блискоисточните води станаа мета, особено во близина на Ормутски Теснец, низ кој поминува 20 отсто од целата трговија со нафта во Персиски Залив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.