Лидерот на полската владејачка партија „Право и Правда“, Јарослав Качињски, викендов го откри виновникот за „белата чума“ и фактот дека во Полска се раѓаат малку деца. Жените во Полска до 25-годишна возраст се забавуваат и пијат исто како нивните врсници, смета тој.

Ако продолжи така што до 25-годишна возраст девојките и младите жени пијат колку нивните врсници, нема да има деца. Запомнете, за да стане алкохоличар, мажот мора да пие прекумерно 20 години, а жената само две, рече Качињски на средбата со жителите на Елка, во североисточна Полска.

Качински, кој не е оженет и нема деца, објасни дека не е за предвремено мајчинство бидејќи и жената мора да созрее за да биде добра мајка, но дека ако девојките се забавуваат и пијат, нема да има деца иако, како што рече тој, на Полска и требаат, а ги има премалку, објави денеска „ТВН24“.

Лидерот на полската владејачка партија „Право и Правда“, Јарослав Качињски

Конзервативците на Качињски дојдоа на власт на изборите во есента 2015 година, меѓудругото, благодарение на ветувањето за програмата за помош 500+, кога семејствата добиваат месечен детски додаток од 500 злоти за секое дете, што е околу 100 евра.

Програмата беше најавена како ефикасен начин за зголемување на наталитетот во Полска и сузбивање на белата чума, но самиот Качински по неколку години призна дека овој ефект не е ни приближно постигнат.

Децата не се само материјално прашање, туку едноставно одредено расположение, пред се жените, затоа што жените раѓаат деца, рече Качињски.

Тој вети дека полските власти ќе продолжат да обезбедуваат финансиска поддршка за семејствата доколку буџетот дозволува, како и со изградба на станови и напори да се надмине културниот отпор на полските жени да раѓаат деца.

Обвинувањето полски девојки дека наводно пиеле и се забавувале и затоа немаат деца веднаш предизвика огорчени коментари на социјалните мрежи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.