Тинејџерите и младите луѓе минуваат сѐ помалку време на Фејсбук, сѐ помалку се регистрираат и сѐ помалку објавуваат, пишува „Блумберг“, повикувајќи се на интерни документи на компанијата. Ваквиот извештај може негативно да се одрази на заработката на компанијата.

Во март, раководството на компанијата добило извештај кој наведува дека тинејџерите минуваат 16 отсто помалку време на страната во однос на лани, а „младите возрасни“ – 5 отсто помалку. Намален е и бројот на регистрации кај тинејџерите. Дополнително, просечната возраст на корисниците кои првпат се регистрираат на социјалната мрежа е зголемена од 19-20 на 24-25 години. Вработените во Фејсбук не знаат кои се точно причините за овој тренд.

Постои проблем со начинот на кој младите споделуваат податоци за нивните животи. Тие претпочитаат други апликации да зборуваат за секојдневните работи и да споделуваат важни мигови од својот живот – посочува овој интерен документ.

Самата компанија верува дека интересот на младите и тинејџерите ќе продолжи да опаѓа и наредните години.

Освен тоа, поранешниот вработен во социјалната мрежа, Френсис Хоган, го обвини Фејсбук дека „не е транспарентен кон своите инвеститори и рекламни клиенти“. Според наводите, раководството претпочита да не ја разгласува оваа тенденција, бидејќи стравува дека тоа може да доведе до губење на приходите од реклами на платформата.

Во составувањето на „Досието Фејсбук“ учествувале 17 американски медиуми. Новинарите работеле заедно, прегледувајќи илјадници страници интерни документи на американската компанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.