Во поле во мексиканскиот град Санта Марија Закатепек се појавила голема дупка во земјата со дијаметар од околу 60 метри и се заканува дека ќе „проголта“ куќа која се наоѓа во непосредна близина.

Гувернерот на мексиканската сојузна држава Пуебла, Мигел Барбоса Хуерта, на прес-конференција истакнал дека дупката првпат се појавила во саботата и била длабока околу 20 метри.

Тој додал дека семејството кое што живеело во куќата во близина на дупката е евакуирано и дека досега нема повредени.

Надлежните испратија предупредување до локалното население никако да не се приближува во близина на дупката.

Дијаметарот на дупката првично беше пет метри, а во следните часови тој значително се зголеми – изјави министерката за заштита на животната средина, Беатрис Манрике.

Министерката соопшти дека веруваат оти појавата на дупката се должи на две работи, а тоа се обработката на почвата и испумпувањето на водата.

И двете активности доведуваат до омекнување на почвата – вели Манрике.

Група експерти од неколку јавни институции ќе го истражуваат овој феномен, а процесот ќе трае најмногу 30 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.