Американски научници во државата Ново Мексико пронајдоа стотици илјади мртви птици преселници, а подоцна и во Колорадо и Тексас, со што нивниот број се зголемил на милиони, јави Си-Ен-Ен.

Значителен број мртви птици беа пронајдени на 20 август на еден ракетен полигон, сместен во областа на локален резерват. Ова подоцна се покажа дека не е изолиран случај: стотици мртви птици беа пронајдени низ целата држава.

-Тоа е шестцифрен број. Според тоа што го гледаме, зборуваме за стотици илјади, па дури и милиони птици, изјави Марта Дезмонд, професор на Универзитетот во Ново Мексико.

Мртви птици, првенствено врапчиња и црни птици, исто така, се пронајдени во Колорадо и Тексас, како и во соседно Мексико.

Научниците ги истражуваат причините за масовната смрт на птиците. За еден од факторите се сметаат шумските пожари што беснеат во државата Калифорнија, а кои ги принудуваат птиците порано да почнат да мигрираат, односно пред да бидат подготвени. Според Дезмонд, птиците можеби немаат доволно маснотии за да мигрираат. Покрај тоа, некои од нив можеби починале од оштетување на белите дробови од пожари во Калифорнија.

Мртвите птици ќе бидат испратени во специјална лабораторија во Орегон, каде ќе се утврдат точните причини за нивната смрт.

-Поразително е. Од 1970 година во САД изгубивме повеќе од три милиони птици, а популацијата на инсекти значително се намали, изјави Дезмонд, истакнувајќи ги негативните ефекти од климатските промени врз биодиверзитетот на САД.

Според најновите податоци на Си-Ен-Ен, најлоши се пожарите во Орегон и Калифорнија, иако во дури девет сојзуни држави горат околу 90 големи шумски пожари, а вкупната зафатена површина изнесува околу 1,8 милиона хектари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.