Министерките за надворешни работи на 16 земји соопштија дека се „длабоко разочарани“ од одлуката на Талибанците во Авганистан да не дозволат девојчињата да посетуваат основно училиште и ги повикаа да ја повлечат својата одлука.

Како жени и министерки за надворешни работи, ние сме длабоко разочарани и загрижени што на девојчињата во Авганистан им е забранет пристапот до средни училишта оваа пролет – во заедничка писмена изјава соопштија министерките од Албанија, Андора, Австралија, Белгија, БиХ, Канада, Естонија, Германија, Исланд, Косово, Малави, Монголија, Нов Зеланд, Шведска, Тонга и Обединетото Кралство.

Новите авганистански власти неочекувано наредија затворање на училиштата за девојчиња во Авганистан, само неколку часа по нивното повторно отворање. Медиумите објавија дека на девојчињата кои пристигнале во постарите одделенија на основните и средните училишта им било кажано да се вратат дома.

Талибанците не ја разјаснија ваквата ненадејна одлука.

Министерките, во заедничкото соопштение, наведуваат дека одлуката е „особено вознемирувачка“ бидејќи Талибанците постојано ветувале дека ќе ги отворат училишта за сите откако ја презедоа власта во земјата минатиот август.

Ги повикуваме Талибанците да ја повлечат својата одлука и да гарантираат еднаков пристап на сите нивоа на образование, во сите провинции во земјата – изјавија министерките и посочија дека во следниот период „ќе ги мерат постапките, а не зборовите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.