Големи турканици на аеродромите и редици пред центрите за тестирање покажуваат дека многу Американци планираат утре да го прослават Денот на благодарноста со пошироките семејства, иако властите ги предупредуваат дека со тоа ризикуваат да ја влошат состојбата со пандемијата.

Американската здравствена агенција за прв пат ги повика Американците да не патуваат дома на Денот на благодарноста, празник на кој семејствата традиционално се собираат и јадат мисирка и сос од брусница. За многу Американци тој ден е поважен од Божиќ.

Повеќето сојузни гувернери ги повикаа граѓаните да не ги претвораат своите трпези во жаришта на корона вирусот.

Американскиот експерт за инфективни болести, Ентони Фаучи, се обиде да им даде пример на другите кога објави дека нема да ги посети своите три ќерки оваа година на Денот на благодарноста. Тој рече дека ќе го прослави празникот со својата сопруга и дека ќе се задоволи со една чаша вино со своите деца преку зум.

Фотографиите и видеата од голема гужва на аеродромите во Чикаго и Феникс кои се шират на социјалните мрежи предизвикаа загриженост дали Американците ги сфаќаат предупредувањата доволно сериозно.

Управата за безбедност во сообраќајот, која е одговорна за безбедносните проверки на патниците, соопшти дека овој беше најпрометниот викенд од почетокот на пандемијата со повеќе од три милиони патници на аеродромите во САД.

САД регистрираат по повеќе од 150.000 инфекции на ден, а досега починале повеќе од 256.000 луѓе, најмногу во светот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.