На крајот на декември 2020 година, гувернерот Ендрју Куомо воведе казни до милион американски долари и одземање на лиценците за здравствените работници кои вакцинираат некого преку ред.

Ова се однесува на лекари, медицински сестри и техничари, фармацевти и сите други медицински професионалци.

Слични мерки биле преземени од Флорида и Калифорнија во обид да се спречи корупцијата, непотизмот и фаворизирањето уште на почетокот на кампањата за вакцинација против коронавирус.

„Оваа вакцина за некои луѓе може да биде како злато“, рече Куомо тогаш, како што пренесоа американските медиуми. „Ако има каква било измама во дистрибуцијата, ако дозволите некои луѓе да се вакцинираат преку ред, им ја дадете на пријатели или семејство или продавате вакцини, ќе ја изгубите лиценцата.

Потегот на гувернерот уследи откако клиниката ParCare во Њујорк им давала вакцини на други граѓани, наместо на приоритетните групи, на здравствените работници и на жителите на домовите за стари лица. Обвинителите веднаш започнале истрага за случајот.

Канцеларијата на ООН за дрога и криминал, која издаде упатства за спречување злоупотреба, предупреди и на можна корупција за време на вакцинациите.

Вакцинацијата против ковид-19 е изложена на ризици од корупција кои вклучуваат појава на супстандардни и фалсификувани вакцини на пазарот, кражба на вакцини при дистрибуцијата, непотизам, фаворизирање и корумпирани системи за набавка на вакцини, се вели во упатството.

Снабдувањето со вакцината Ковид-19 ќе биде ограничено во почетната фаза на воведување на вакцината, затоа е од витално значење владите да обезбедат фер дистрибуција на вакцината, соопшти канцеларијата на ООН.

Особено важна улога ќе имаат свиркачите и новинарите кои можат да помогнат во разоткривање на корупцијата во здравствениот систем. „Мерките за гарантирање на заштитата и безбедноста на новинарите се клучни за тие да дејствуваат бестрашно и да им даваат витални информации на луѓето“, велат во ООН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.