Илјадници мигранти пристигнале под мостот што ги поврзува градовите Дел Рио во Тексас и Акуано во Мексико каде што поставиле импровизиран камп. Овој мигрантски бран за американскиот претседател Џо Бајден претставува проблем на границата со кој ќе мора да се соочи.

Температурите се искачуваат до 37 Целзиусови степени, а има многу малку храна и вода, така што стотици мигранти беа принудени да го преминат Рио Гранде и да се вратат во Мексико за да се снабдат со основните намирници.

Мигрантите се претежно од Хаити, но меѓу нив има и луѓе од Куба, Венецуела и Никарагва.

Тешките услови на границата го одразуваат хуманитарниот предизвик со кој се соочува Бајден, додека бројот на уапсени лица на границата е најголем во последните дваесет години. Владините податоци покажуваат дека американските власти во август уапсиле повеќе од 195.000 мигранти на границата со Мексико.

Царинската и граничната служба не соопштуваат колку луѓе има во кампот во Дел Рио, а еден службеник во средата за Ројтерс изјавил дека таму има околу 6.000 луѓе.

Граничната патрола најави дека го зголемува персоналот во Дел Рио за да обезбеди безбеден и хуман третман. Во нивното соопштение се додава дека за мигрантите се обезбедени вода за пиење и тоалети.

Бајден, демократ кој ја презеде функцијата во јануари, ги отфрли строгите мерки за имиграција воведени од неговиот претходник, републиканецот Доналд Трамп.

Дел Рио се наоѓа во областа Вал Верде, која гласаше за Трамп на изборите во 2020 година. Некои жители на тој пограничен град велат дека федералната влада ги напуштила кога станува збор за граничната безбедност.

Мексиканските власти, пак, најавија дека во наредните денови може да се очекува многу поголем број на мигранти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.