Шејда Шадкхо искористила три недели годишен одмор, од Торонто да отпатува во Техеран, главниот град на Иран, за да ги види своите мајка и сестри.

Кога ѝ завршил одморот, Шејда со авион требала да се врати во Канада, каде што живеела со својот сопруг Хасан Шадкхо. Нејзиниот авион полетал од Техеран кон украински Киев во средата рано наутро.

Зборував со неа 20 минути пред да полета – рекол нејзиниот сопруг.

Таа била загрижена поради тензиите меѓу Иран и САД, откако Американците го ликвидираа генералот Касим Сулејмани, според медиумите вториот најмоќен човек во земјата.

Сакаше да ја утешам и да ја уверам дека нема да има војна. Ѝ реков да не се грижи и дека ништо нема да се случи – додал Хасан Шадкхо за Си-Ен-Ен.

Тој ги памети и последните зборови кои му ги рекла неговата сопруга.

Ми рече „Ок, ми велат дека морам да го исклучам телефонот. Довидување!“. Тоа беше тоа – раскажал Хасан.

Шејда не стигна на својата дестинација, поради тоа што само неколку минути од полетувањето од Техеран, нејзиниот авион падна, а во несреќата загинаа сите 176 патници. Од вкупната бројка на луѓе, 62-ца патувале кон Канада.

Хасан Шадкхо вели дека неговата сопруга имала пречуство оти авионот ќе падне. Беше, вели тој, многу загрижена за луѓето кои ги остава зад себе. На Инстаграм објавила фотографија под која ги изразила своите стравови.

Знаеше. Погледнете ѝ го лицето, погледнете ја песната која ја објавила – рекол Хасан на новинарите, додека ја покажувал фотографијата на Инстаграм.

Сопругот додал дека е силно вознемирен и дека не може да си го замисли животот без Шејда, со која во брак поминал десет години.

Таа беше ангел. Сега би сакал воопшто да не постојам – вели тој.

Истрагата за причините за падот на авионот се уште трае, а САД сѐ погласно тврдат дека Иранците случајно и сами го срушиле патничкиот авион, мислејќи дека станува збор за воено летало.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.