Ангела Меркел изрази жалење што не постигнато единство околу датумот за преговори со  Македонија и Албанија на самитот на ЕУ. Германија смета дека со исполнување одредени услови можеше да дојде до отворање преговори, но немаше единствен став за тоа. Ќе се вратиме на ова прашање на Самитот за Западен Балкан во 2020 година, порача Меркел.

Позицијата на СР Германија беше дека може да се дојде до отворање преговори под определени услови. Меѓутоа, ваквиот став не можеше да добие согласност од сите и поради тоа жалам многу. Дискусијата беше многу обемна и уште еднаш ја нагласи важноста на овие земји од геостратешки, но и од европски аспект. На оваа тема ќе мора и натаму да работиме. Се договоривме пред самитот за Балканот во време на хрватското претседателство, значи пред самитот за Балканот во Загреб, уште еднаш да се навратиме на оваа тема. Но, разликите во мислења сѐ уште не се надминати – рече таа на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот.

На прашањето дали стравува од скршнување на Македонија и на Албанија од европскиот пат и дали навистина Франција беше толку изолирана на самитот, германската канцеларка рече дека не е тајна оти три земји имаат задршки: Франција, Данска и Холандија.

Ќе се обидеме преку блиски контакти со овие земји да ги сведеме последиците на најмало можно ниво. Но, ќе има, се разбира, разочарување. Денеска разговарав со Зоран Заев во Северна Македонија. На една страна е желбата, француската желба која нагласено ја поддржувам, да ги направиме потранспарентни процедурите за приклучување, и да ставиме јасно до знаење дека отворањето преговори за приклучување не се сигурниот успешен крај, туку дека може да има и реверзибилност, за што исто така се залагам и тоа ќе го правиме во наредните месеци. Потоа, има различни проценки и за работите кои уште треба да се направат. Сите се на мислење дека уште нешто треба да се заврши, но некои, како на пример Германија, велат дека сепак досега е доволно направено за да се влезе во процесот на приклучување. Други велат дека не е доволно сторено – рече Меркел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.