Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе биде домаќинка на виртуелниот Берлински самит за Западен Балкан, на кој ќе учествуваат премиерите на земјите од регионот. На Самитот ќе учествува и премиерот Зоран Заев, а од Владата најавија соопштение по неговото завршување во попладневните часови.

Најавено е учество и на челниците на европските институции и премиери на земји членки од ЕУ, како Хрватска, Грција, Бугарија и Словенија. Исто така, обраќања ќе имаат и британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Во пресрет на Самитот, иницијаторката на Берлинскиот процес, Ангела Меркел порача дека е убедена оти иднината на Западниот Балкан лежи во вистинска обединета Европа.

Во видеопорака, објавена во саботата, германската канцеларка истакна дека е среќна што овој виртуелен состанок ќе ѝ овозможи да продолжи да работи со шефовите на држави или влади на земјите од Западниот Балкан во остварување на примарната цел на Берлинскиот процес за постигнување стабилност во регионот и воспоставување дијалог.

„Западниот Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тој е дел од Европа, каде што раните од војните сè уште не се залечени, а голем број граѓани од тој регион живеат и во Германија. Јасно ми е дека земјите од ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западниот Балкан. Ние сме одговорни практично да се залагаме за развој во тој дел на Европа“, нагласи Меркел.

Таа посочи дека во регионот сè уште има многу предизвици, дека недовербата и национализмот не исчезнале и дека билатералните спорови можат да се разгорат во секој момент, поради што е потребно помирување.

„Тоа значи надминување на минатото и правење сè што е можно со цел идните генерации да живеат во мир“, вели Меркел во пораката.

Берлинскиот процес за Западниот Балкан беше инициран од германската влада на 28 август 2014 година и претставува форум за соработка меѓу земјите членки и институциите на ЕУ, шесте држави од западнобалканскиот регион (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина) и Велика Британија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.