Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека има „докази“ за „скандалозни“ обиди на руско хакирање насочени кон нејзината канцеларија.

Јас искрено можам да кажам дека ми е лошо поради тоа. Секој ден се обидувам да имам подобри односи со Русија, а од друга страна има толку опипливи докази дека руските сили стојат зад тоа – рече канцеларката во своето обраќање пред Бундестагот.

Таа зборуваше за кибер нападот што беше насочен кон Долниот дом на германскиот Парламент и нејзината канцеларија во исто време во 2015 година. Во 2015 година, Бундестагот беше жртва на кибер напад што му се припишува на руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Според германските медиуми, хакерите добиле лични податоци на сервисот за пораки на канцеларијата на германскиот канцелар паралелно со кибер нападот врз Бундестагот.

Меркел рече дека истражителите идентификувале еден осомничен во тој случај.

Ние се уште го задржуваме правото да преземеме мерки, вклучително и против Русија – рече канцеларката, нарекувајќи го тоа „скандалозен“ чин.

Ова е „целата стратегија“ што ја применува Русија, вклучително и искривување на фактите, продолжи Меркел. Таа додаде дека во тој контекст, се разбира, не е лесно да се продолжи со обидот за градење подобри односи со Москва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.