Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека на Светската здравствена организација (СЗО) и треба сигурно финансирање со поголеми донации од земјите-членки.

Меркел го поддржа почетокот на преговорите за обврзувачки меѓународен договор за спречување на пандемии.

Катастрофалното влијание на пандемијата на Ковид-19 врз здравјето и економијата треба да ни биде лекција. Вирусите не познаваат национални граници. Затоа, треба да ги утврдиме мерките што треба да се преземат за да се подобри превенцијата, раното откривање и одговорот на меѓународно обврзувачки начин – изјави Меркел во видеопораката на почетокот на специјалната седница на СЗО.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека глобалната заедница, додека се водат разговорите, се соочува со закана од нова, многу пренослива варијанта на Ковид-19.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, пак, изјави дека има многу несигурности за тоа колку може да биде пренослива и тешка инфекција со силно мутираниот сој  Омикрон.

Појавата на силно мутираната варијанта Омикрон укажува колку е опасна и неизвесна нашата ситуација – изјави Тедрос, мислејќи на правно обврзувачкиот договор што не е спомнат во нацрт-текстот со кој се бара консензус за патот напред.

Според него, Омикрон покажува зошто на светот му е потребен нов договор за пандемии.

Нашиот сегашен систем ги обесхрабрува земјите да ги предупредуваат другите за закани кои неизбежно ќе ги погодат – истакна Тедрос, додавајќи дека Јужна Африка и Боцвана, односно јужна Африка каде што е откриена новата варијанта, треба да се пофалат, а не да се „казнуваат“ за нивната работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.