Мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард, им порача на САД дека треба повеќе да инвестираат во Централна Америка доколку сакаат да го забават растот на илегалната миграција од тоа подрачје.

Оваа година, рекорден број мигранти минаа низ Мексико на пат кон САД, принудени од економските последици од корона кризата и надевајќи се на поблаг третман од новите американски власти.

Претседателот Џо Бајден вети дека ќе се фокусира на причините за миграција од Централна Америка така што САД ќе се бори против сиромаштијата, насилството и корупцијата.

Потребни се повеќе американски инвестиции во Централна Америка отколку што беше случај досега. Нема сомнеж за тоа – изјави Ебрард за Мексиканското радио.

Според мексиканскиот министер, „ако САД не ја поддржат Централна Америка, без овие инвестиции тешко е да се поверува дека брановите мигранти што се случуваат во моментов ќе бидат намалени“.

Во неодамнешното писмо до мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, Бајден наведе дека САД дале над 600 милиони долари помош за Гватемала, Ел Салвадор и Хондурас.

Во писмото се вели дека американскиот претседател побарал од Конгресот дополнителни 861 милион долари во следната фискална година за помош на Централна Америка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.