Американскиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ до 2025 година ќе отвори речиси 200 нови ресторани и 12 илјади нови работни места во Италија.

Групацијата ја рангира Италија меѓу светските пазари со најголем потенцијал – најави извршниот директор на италијанската подружница Дарио Барони.

Според него, целта е бројот на ресторани во Италија во следните четири години да се зголеми на 800 од сегашните 630 објекти и да се зголеми бројот на вработени од сегашните 25 илјади на околу 40 илјади.

Продажбата на брза храна на глобално ниво е тешко погодена од пандемијата на корона вирусот, чии последици донекаде се ублажени со услугите за нарачки на оброци од возило, консумацијата надвор од угостителските објекти и доставата.

Во Италија, прометот минатата година се намалил на 1,4 милијарди евра, од 1,6 милијарди во 2019 година.

Според Барони, компанијата очекува да ја заврши оваа година со поголем промет во однос на 2019 година пред пандемијата, благодарение на нарачките за консумирање надвор од рестораните и испорака на храна, кои сега претставуваат над 60 отсто од нивната продажба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.