Испораките на тенкови и оклопни единици во Украина нема да го спречат избувнувањето на Третата светска војна, ако до тоа воопшто и дојде. Ова во саботата го изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев.

Како што рече, одбраната на Украина, која никому во Европа не му е потребна, нема да му помогне на „гнилиот Стар свет да избегне да плати за своите гревови“.

Според Медведев, доколку навистина се случи Трета светска војна, таа нема да се води со помош на тенкови и авиони, туку целиот свет ќе се претвори во пепел.

Тој потсети дека Велика Британија, меѓу другото, бара земјите од Алијансата веднаш да му достават оружје на Киев, како и дека овие ловци, тенкови и ракети со долг дострел ќе го спречат ширењето на Русија и избувнувањето на Трета светска војна.

„Има безброј такви будали во структурите на власт во Европа“, додаде тој.

Да потсетиме, Германија по неколкумесечно размислување најави дека ќе испрати тенкови „Леопард“ во Киев, а истиот ден американските власти најавија дека Киев ќе ги добие тенковите „Абрамс“ од Вашингтон.

Набргу потоа, Велика Британија објави дека планира да испорача тенкови „Челинџер 2“ на Украина на крајот на март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.