Шпанската Влада испрати колони со храна во областите отсечени од невремето „Филомена“, коешто донесе најсилни врнежи од снег во последните неколку децении во централна Шпанија и во кое загинаа четири лица.

Спасувачките екипи стигнаа до 1.500 лица заробени во автомобилите во регионот Мадрид, а властите ги повикуваат граѓаните да останат дома поради опасност од несреќи и ширење на корона вирусот.

Синоптичарите предупредуваат на опасни услови во наредните денови со температури што се очекува да се спуштат на минус 10 Целзиусови степени и со веројатност снегот да се претвори во мраз и да паднат оштетените дрвја.

Некои здравствени работници во Мадрид пешачеле со часови за да стигнат на работа и да ги заменат своите истоштени колеги кои одработиле двојни смени.

Патиштата се блокирани и многу меѓуградски возови повеќе не сообраќаат, па негувателот Раул Алкојор пешачел 14 километри за да стигне до болницата на работа.

Не би било морално да останам дома – вели тој, мислејќи на колегите кои работеле повеќе од 24 часа.

Му требало два часа и 28 минути да стигне до болницата поради длабокиот снег и паднатите дрвја.

Тој не бил единствениот кој се осмелил да тргне на такво патување. Една медицинска сестра изјавила дека одела 20 километри до болницата, а на социјалните мрежи се појави видео од двајца медицински работници кои минуваат 22 километри за да стигнат до болницата во Мадрид, пишува „Гардијан“.

Главниот меѓународен аеродром во Мадрид е затворен, а операторот соопшти дека ќе се отвори не порано од недела попладне, кога постепено ќе продолжат летовите.

Невремето зафати околу 20.000 километри патишта во централна Шпанија, а владата ќе испрати колони со вакцини и залихи на храна на оние кои имаат потреба, изјави во саботата министерот за транспорт Хозе Луис Абалос.

36-годишна жена во саботата родила дете во амбуланта во Мадрид, откако здравствените работници не успеале да ја пренесат во болница.

Маж и жена се удавиле во автомобил откако се излеала река во близина на Малага на југот на земјата, додека двајца бездомници замрзнале во Мадрид и Калатајуд на исток, соопштија властите.

Државната агенција за метеорологија (Амет) објави дека во саботата паднале 20-30 см снег во Мадрид, најмногу од 1971 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.