Во следните недели ќе сведочиме на масовно заразување со Омикрон и заедно со имунитетот од вакцинацијата тоа ќе доведе до скорешен крај на пандемијата, предвидуваат германските виролози, кои охрабруваат дека годинава ќе се вратиме во нормалниот живот.

Водечкиот германски виролог Кристијан Дростен смета дека уште во текот на 2022 година ќе можеме да му се вратиме на нормалниот живот. Во интервју за „Тагесшпигел“ експертот вели дека „со помош на вакцините досега е минат поголем дел од тој пат“, пренесува ДВ.

Благодарение на имунизацијата инфекциите со новата варијанта на коронавирусот Омикрон минуваат далеку полесно, смета Дростен.

Вирологот ги споредува со „патувачки воз на кој се качуваме во движење“. Добрата вест во случајот, вели Дростен, е дека во моментов тој воз се движи со за нас удобна бавна брзина, иако никој не може да ја исклучи веројатноста подоцна тој одново да забрза. Според вирологот, варијантата Омикрон претставува шанса, но само доколку е исполнета една претпоставка- благодарение на вакцинациите општеството веќе да има широк имунитет на коронавирусот.

Порано или подоцна сите ќе се заразат со Ковид-19- тоа е неизбежно. Нема како целото население да добие бустер дози за неколку месеци, вели Дростен.

Сепак, тој смета дека имунитетот кај населението се развива во правилна насока.

Но и во иднина, вакцинацијата ќе игра решавачка улога, затоа што за невакцинираните вирусот е особено опасен, смета тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.