Стотици британски туристи кои требаше да бидат во карантин поради неодамна откриената мутација на коронавирусот исчезнаа од швајцарскиот ски- центар Вербиер, кој важи за многу популарен меѓу Британците.

Швајцарските власти соопштија дека имало 420 гости од Велика Британија кои биле во карантин пред Божиќ. Педесетина од нив веднаш заминале, а од 370 што останале, денеска имало помалку од десетмина во ски-центарот.

„Го разбираме нивниот гнев“, рече портпаролот на општината на која припаѓа ски-центарот.

Тој остро го критикуваше избрзаното и ретроактивно воведување карантин за сите гости кои пристигнаа од Велика Британија.

Швајцарија ги прекина сите летови од Велика Британија и Јужна Африка на 20 декември, откако во овие земји беше откриен нов вид коронавирус.

На 21 декември, властите наредија сите туристи кои пристигнаа во ски-центрите на 14 декември и по тој датум, во согласност со одлуката да бидат ставени во десетдневен карантин од датумот на нивното пристигнување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.