Француските безбедносни сили почнаа масовна потера по напаѓачот од Стразбур, кој уби најмалку три, а рани уште 13 лица. Полицијата го идентификува напаѓачот, а тоа е 29-годишниот Шериф Шекат, кој уште од претходно бил познат како следбеник на радикалниот ислам. Младиот џихадист отвори оган врз лицата присутни на божиќниот пазар во Стразбур, а успеал да побегне во текот на престрелката со полицијата.

Властите не ја исклучуваат можноста Шекат да ја напуштил Франција, во која вчера е подигната на највисоко ниво тревогата за опасност од терористички напади.

Локалните медиуми пренесуваат дека најмалку 350 полицајци се вклучени во потерата по младиот џихадист, кој бил радикализиран во текот на неговиот престој во затвор.

Очевидци на нападот сведочат дека Шекат без никаква причина и најава почнал да пука по случајни посетители на божиќниот пазар во центарот на Стразбур. Во текот на претресот на неговиот стан, полицијата пронашла повеќе гранати.

Шекат, според француските медиуми, е роден во Стразбур и од претходно им е познат на безбедносните служби како потенцијална терористичка закана. Некои информации говорат дека тој служел затворски казни и во Франција и во Германија. Францускиот заменик-министер за внатрешни работи, Лорен Нунез, потврди дека Шекат служел неколку затворски казни, но оти неговите престапи не биле поврзани со тероризам.

Нунез, сепак, додаде дека токму во текот на неговиот престој во затвор, Шекат е идентификуван од безбедносните служби дека е радикализиран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.