Портпаролот на претседателската палата во вечерва објави дека Драги ја прифатил функцијата во Квиринале на состанокот со претседателот на Републиката, Серхио Матарела, кој го назначи за мандатар на 3 февруари откако Џузепе Конте мораше да поднесе оставка на 26 јануари по распадот на неговата коалициска влада.

Познат како „Супер Марио“ по својата улога во должничката криза во еврозоната 2012 година, Драги треба утре да положи заклетва и да побара гласање за доверба во парламентот на почетокот на следната недела.

Драги имал сеопфатни разговори со политичките партии претставени во парламентот кои му дозволиле да формира разновидна влада што вклучува членови на Демократската партија (ПД, левоцентристички), но и крајно десничарската Лига на Матео Салвини и десничарската Форца Италија на Силвио Берлускони.

Во последен момент вчера, Движењето 5 ѕвезди (М5С), даде согласност и со тоа ја сруши последната пречка со која се соочувала владата на националното единство.

Така, Луиџи Ди Мајо, водачот на Движењето 5 ѕвезди, останува на функцијата министер за надворешни работи.

Даниеле Франко, сегашен вицегувернер на Банката на Италија и поранешен советник на Европската комисија, ја презема клучната функција на министер за економија и финансии, пренесува Ројтерс.

Џанкарло Џоргети, еден од лидерите на Лигата, ќе биде министер за индустрија, а Андреа Орландо од Демократската партија ќе биде министер за труд.

Некои клучни должности им се доверени на технократите, па покрај Франко, за непартиски експерт за ИТ, физичарот Роберто Чинголани е назначен за шеф на одделот за зелена транзиција, пишува Ројтерс.

Во новата влада со 23 члена има само осум жени.

Но, тешкотиите само што започнаа за Драги (73), познат по својата воздржаност, сериозност и одлучност.

Италија, која се приближува до бројката од 100.000 смртни случаи од ковид, имала еден од најлошите падови на БДП во еврозоната во 2020 година, 8,9 проценти. Третата економија во еврозоната смета на повеќе од 200 милијарди евра од европското финансирање, што Брисел ги условува со сеопфатен план за трошење до крајот на април.

„Ковид-19 ја влоши кризата и Италија сè уште е европски пациент“, изјави за АФП Фабио Памоли, професор по економија на Политехничкото училиште во Милано. Италија со години акумулирала огромен долг од скоро 2,6 трилиони евра, што на крајот на 2020 година изнесувал 158 проценти од нејзиниот БДП, што е највисок сооднос во еврозоната по Грција.

Меѓу приоритетите на новата влада е забрзувањето на кампањата за вакцинација, која, како и во другите европски земји, е забавена поради одложувањата во испораката на вакцините. Само 1,2 од 60-те милиони Италијанци се вакцинирани.

Други задачи што чекаат со децении се: забрзување на бавното судство, справување со бирократијата преку правење на поефикасна администрација и започнување на еколошка транзиција координирана од специјално министерство, прво од ваков вид во Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.