Премиерката на Финска, Сана Марин изјави дека договорот на Европска унија за климатски неутрална Европа до 2050 година е важна одлука за идните генерации.

Тоа е јасна порака до сите граѓани кои бараат поголема европска амбиција во борба против климатските промени… Финска има уште поамбициозен план, да стане климатски неутрална земја до 2035 година – наведе Марин на крајот на дводневниот самит во Брисел.

Лидерите на ЕУ на Самитот во Брисел се договорија за заедничка цел – Европа до 2050 година да биде првиот климатски неутрален континент на светот.

Во исто време, Полска најави дека и е потребно повеќе време за да се прилагоди на целта.

За време на разговорите во Брисел, ЕУ лидерите се обидоа да најдат консензус со Полска, Унгарија и Чешка кои изразија загриженост за трошоците, роковите и начинот за декарбонизација. Земјите кои најмногу употребуваат фосилни горива, се залагаа за дефинирање на поделба на трошоците за транзиција кон нови извори.

Свесни сме дека сите земји-членки немаат исти почетни позиции и оти на некои ќе им биде потешко да се прилагодат. Затоа разговараме како подобро да помогнеме и да ги поддржиме тие региони и индустрии – посочи претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во заклучоците на Европски совет се наведува дека земјите-членки ќе имаат право да одлучуваат за сопствениот енергетски микс и најприфатливите технологија, вклучително и употреба на нуклеарна енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.