Претседателот Емануел Макрон синоќа ја пречека Ангела Меркел во Елисејската палата, а тоа беше една од последните можности за двајцата лидери заеднички да разговараат за светските проблеми, неколку дена пред изборите во Германија, на 26 септември, на кои ќе се избере наследникот на германската канцеларката.

Додека не се формира следната (германска) влада, Ангела Меркел и јас ќе продолжиме да работиме рака под рака за главните прашања за кои се обидуваме да обезбедиме француско-германски решенија, како што правевме од првиот ден – изјави Макрон.

Тој притоа ги наброја многуте прашања на менито на работната вечера, пред се заклучоците што Европејците мора да ги извлечат меѓу себе од кризата во Авганистан.

Според Макрон, „кохерентноста на Европејците“ исто така е во прашање и во однос на борбата против тероризмот во Сахел, каде што Париз во четвртокот ја објави смртта на водачот на џихадистичката група Исламска држава во Големата Сахара (ЕИГС), Аднан Абу Валид ал-Сахрави.

Макрон директно не го спомена шокот предизвикан од спектакуларната објава во средата вечерта за огромниот пакт за безбедност меѓу САД, Велика Британија и Австралија, кој го исфрли Париз од мега-договорот за набавка на подморници од страна на официјална Канбера. Тој само ја наведе важноста на Индо-пацифичкиот простор на кој „Европејците усвоија заедничка стратегија“ оваа недела.

Прекршувањето на овој договор, што предизвика гнев и горчина кај шефот на дипломатијата, Жан-Ив Ле Дриан, треба да го поттикне Париз да продолжи да промовира повеќе одбрана и европска стратешка автономија, особено индустриска.

Ова ќе биде една од целите на идното француско претседателство со Европската Унија, во првата половина на 2022 година, што ќе се совпадне со кампањата за претседателските избори во Франција на 10 и 24 април.

Но, дали Емануел Макрон ќе има нов соговорник во Берлин на 1 јануари, доколку преговорите за формирање нова влада се одолговлечат?

Ќе направиме се што е во наша моќ за да избегнеме предолг период на доцнење – уверуваше Меркел, која на власт беше речиси 16 години.

На претходните општи избори во 2017 година, преговорите траеја речиси шест месеци, што веќе го натера Макрон, кој беше штотуку избран, да почека неколку месеци за да почне да ја турка својата европска агенда.

Ангела Меркел најверојатно се уште е на својата позиција за самитот ЕУ-Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври, а потоа две недели подоцна на состанок на 27-те во Брисел.

За четири години, личниот и работен однос меѓу Макрон и Меркел еволуираше значително од 2017 година.

Емануел Макрон во изминатите денови во Елисејската палата ги прими двата фаворити за наследник на Ангела Меркел во Берлин, социјалдемократот (СПД, левоцентристичкиот) Олаф Шолц и Демохристијанскиот (ЦДУ, десно-центар) Армин Лашет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.