Францускиот претседател Емануел Макрон во изјава за весникот “ Журнал ди диманш” вели дека мора да се интензивира соработката со истокот, со цел нивните научници да придонесат во битката со невидливиот непријател. Тој се осврна и на Ковакс механизмот потенцирајќи дека се потребни глобални напори за вакцините да бидат достапни и за сиромашните земји.

Мора да се соработува со Кинезите и Русите, за вакцините развиени од нивните научници да бидат дел од големата глобална борба против пандемијата. Ова е светска војна во која е невозможно да се издвои победа без руските и кинеските вакцини. Потребни се поголеми напори за да се забрза вакцинацијата на населението, бидејќи новите соеви на коронавирусот се шират се побрзо, вели Емануел Макрон, претседател на Франција.

Во потрага по одговори за потеклото и појавата на коронавирусот во Кина, тимот експерти од Светската здравствена организација утврди дека вирусот циркулирал многу порано отколку што се мислело. Шефот на мисијата Петер Бен Ембарек изјави дека само во Вухан, во декември постоеле околу десетина мутации на вирусот.

Вирусот циркулирал во Вухан од почетокот на ноември, што е ново сознание за нас. Пронајдени се 13 различни мутации кај различни луѓе на почетокот на декември. Некои од нив се поврзани со пазарот во Вухан, а некои не. Ова ние го откривме во нашата мисија во Кина, истакна Петер Бен Ембарек- Шеф на мисијата на СЗО во Кина.

Додека одредени земји повторно воведуваат рестриктивни мерки и задолжителни карантини, Израел е на добар пат да стави крај на пандемијата. Досега вакцинирани се 3.8 милиони граѓани а според истражувањата на Клалит- најголемата израелска компанија за здравствено осигурување вакцината на Фајзер&БионТек покажала ефикасност од 94%.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.