Европската унија треба да биде „цврста и силна“ со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон, за време на самитот на седум земји од југот на Европска унија во Ајачио на францускиот остров Корзика, каде главна тема се тензиите со Турција на источниот дел на Медитеранот.

Ние, Европејците, мора да бидеме јасни и цврсти, не со Турција како нација или како со народ, туку со владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, рече Макрон.

На состанокот на таканаречената Еуромед 7, неформална група од седумте членки на блокот со пристап до Медитеранот, Макрон рече дека ќе се заложи за заеднички став на ЕУ во врска со активностите на Анкара во источниот дел на морето.

Претходно, генералниот секретар на Северноатлантскиот договор (НАТО) Јенс Столтенберг изјави дека Грција и Турција се согласија да одржат технички разговори.

Лидерите на Мед 7, исто така, ќе разговараат за миграцијата, планот за економско закрепнување, климатските промени и излегувањето на Британија од ЕУ.

Пред самитот Макрон ќе разговара со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Самитот ќе се одржи во контекст на тензиите меѓу Грција и Турција, двете членки на НАТО кои имаат спор околу зоната богата со гас на истокот на Средоземното море за која Атина тврди дека и припаѓа, додека Турција сака да го искористи тој дел на Медитеранот.

Првиот собир Мед 7 се одржа во 2016 година во Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.