Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министрите за надворешни работи на уште 20 други земји ги осудија масовните приведувања на Куба и ги повикаа властите на островот да го приклучат интернетот за сите во земјата.

Демократите од целиот свет денес се единствени во поддршката на кубанскиот народ и го повикуваат владата на Куба да ги послуша барањата на Кубанците за универзални човекови права. Како што кажа претседателот Бајден, кубанскиот народ изрази гласен повик за слобода – изјави Блинкен.

Заедно со САД, заедничката изјава ја потпишаа Австрија, Бразил, Колумбија, Хрватска, Кипар, Чешка Република, Еквадор, Естонија, Гватемала, Грција, Хондурас, Израел, Летонија, Литванија, Косово, Црна Гора, Македонија, Полска, Јужна Кореја и Украина.

Кубанската влада одговори со непризнавање на гласовите на својот народ, со натамошно нивно задушување, со селективни апсења и тајни и брзи судења без да се запазат процедуралните гаранции – соопштија од Стејт департментот.

САД минатата недела воведија санкции против некои раководители на кубанските служби за безбедност поради газење на човековите права за време на задушувањето на антивладините протестни акции што почна на 11 јули.

Една од главните причини за протестите на Куба е економската криза во земјата, неуспешното справување со пандемијата и загрозените човекови права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.