Картелска престрелка во Мексико резултирала со смрт на 11 членови на банда, како и еден мајмун-пајак, облечен во мал „панцирен елек“, маскирна јакна и пелени, објави „ЦБС Њуз“. Мајмунот бил пронајден како лежи преку градите на мртов вооружен маж за кој се верува дека бил негов сопственик.

„Мексико Дејли Пост“ се сомнева дека мајмунот му припаѓал на човек со врски во мексиканскиот картел „Ла Фамилија Мичоакана“. Додека сопственикот починал од неколку прострелни рани, причината за смртта на мајмунот останува мистерија, а аутопсијата треба да ја изврши ветеринар. Од 11 убиени лица, 10 биле потврдени дека се мртви на лице место на престрелката во градот Текскалтитлан, додека последниот е прогласен за мртов во болница.

Според „Инфобае“, Канцеларијата на јавниот обвинител на државата Мексико соопшти дека пет мажи и три жени се меѓу осомничените кои ја преживеале престрелката и биле приведени. Тие на крајот би можеле да се соочат со обвиненија за трговија со животни. Уапсен е и малолетник кој нема наполнето 15 години.

Безбедносниот аналитичар, Дејвид Соседо, за „Асошиејтед прес“ вели дека чувањето егзотични животни се смета за симбол на статус и моќ, додавајќи дека поседувањето „приватната зоолошка градина било предуслов за да се биде дел од кругот на големи шверцери на дрога“. Соседо сугерира дека некои картели користеле животни за погрозни практики, како што се тортура или исчезнување на нивните жртви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.