Законите во САД се такви што неколку милиони луѓе не смеат да гласаат на претседателски избори поради проблематично минато.

Мајк Тајсон, некогашниот светски првак во бокс во тешка категорија, иако има 54 години, дури годинава во ноември за првпат во животот ќе има право да гласа на претседателските избори во САД.

На 3 ноември, Доналд Трамп и Џо Бајден ќе се соочат на изборите, а и Тајсон со својот глас ќе може да придонесе за победа на Републиканецот или Демократот.

Тајсон немаше право на глас затоа што во 1992 година беше осуден на шест години затвор, одлежа половина од казната и досието кое го имаше во полицијата не му дозволуваше да гласа. Сепак, сојузната држава Невада, во која Тајсон има пријавено свој престој, им дозволува на поранешните затвореници да гласаат, па Челичниот Мајк ќе го искористи правото.

Ова ќе ми биде првпат да гласам. Мислев дека никогаш нема да ја имам таа можност поради моето минато. Горд сум што ќе имам право да гласам, изјави Тајсон, кој пред повеќе од 30 години беше најмладиот светски првак во тешка категорија, а на 28 ноември има закажано егзибициски меч против Рој Џонс јуниор.

На изборите во 2016 година, дури 6 милиони луѓе во САД не смееја да гласаат поради проблеми со законот во минатото.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.