Градоначалникот на Лондон, Садик Кан објави дека ја откажува планираната новогодишна прослава во британската престолнина поради драстичното зголемување на бројот на заразени со новиот, омикрон сој на коронавирусот.

Поради рекордното ниво на инфекции со Ковид-19 во нашиот град и во Велика Британија, решен сум да направам се што е можно за да го забавам ширењето на новиот вид и да се погрижам нашите здравствени служби да не бидат преоптоварени оваа зима – изјави синоќа Кан.

Тој додаде дека тоа значи дека градот нема да организира прослава со 6.500 луѓе планирани на Трафалгар сквер за Нова година.

Ќе биде разочарувачки за многу граѓани на Лондон, но мора да преземеме добри мерки за да го намалиме ширењето на вирусот – истакна Кан.

Со ова Лондон го следи Париз, кој во саботата објави дека ги откажува огнометите и концертите планирани на Елисејските полиња, како и Мароко, кој забрани организирање на собири и воведе полициски час од полноќ до шест часот наутро.

Според британските власти, во земјата најмалку 14 лица заразени со сојот омикрон на Ковида-19 починале, а 129 се хоспитализирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.