Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца денеска треба да потпише указ со кој поголемиот дел од државата ќе се најде во портокаловата зона на ризик од инфекција со вирусот Ковид-19, а полицискиот час од 22 до 5 часот наутро останува во сила.

Во црвената зона ќе биде Ломбардија, регионот најпогоден од првиот бран на вирусот, Сицилија и провинцијата Болзано.

Тие правила ќе стапат на сила в недела, а одлуката на Сперанца се заснова на најновите податоци на Министерството и Институтот за јавно здравје. Новата регулатива предвидува и забрана за патување меѓу региони, освен од деловни и здравствени причини, како и неопходни ситуации, а забраната ќе остане на сила до 15 февруари.

Зонскиот систем значи дека во најризичната, црвена зона, сите ресторани и барови ќе бидат затворени, освен оние што доставуваат храна, а сите продавници што продаваат непрехранбени производи ќе бидат затворени.

Во портокаловата зона, која се смета за зона со среден ризик, продавниците можат да работат, но баровите и рестораните се затворени.

Во умерената, жолта зона, баровите и рестораните можат да бидат отворени до 18:00 часот по локално време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.