Лидерите на Европската Унија се заложија за „задржување на строгите ограничувања“ и забрзување на вакцинацијата против корона вирусот поради зголемената опасност од новите мутации на вирусот.

Епидемиолошката состојба останува сериозна, а новите мутации на корона вирусот претставуваат дополнителни предизвици. Затоа, мора да ги задржиме строгите ограничувања, а во исто време да се зајакнат и напорите за побрза испорака на вакцини – порачаа лидерите на ЕУ по првиот ден од онлајн самитот.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека следните недели ќе бидат „тешки во областа на вакцинацијата“.

Моменталната состојба е тешка… Но, јас би сакал да испратам порака за оптимизам. Имаме средства со кои ќе обезбедиме ЕУ да игра клучна улога во надминувањето на кризата во следните месеци – порача Мишел.

Тој додаде дека темите на вториот ден од самитот ќе бидат безбедноста и одбраната. На видео-конференцијата во размена на мислења за соработката меѓу ЕУ и НАТО ќе се приклучи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ќе разговараме за тоа како да ја подобриме нашата заедничка способност да одговориме на безбедносните предизвици и закани – изјави Мишел, додавајќи дека би сакал да се посвети внимание на кибер-нападите и хибридните закани што претставуваат вистински безбедносни предизвици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.