Либанскиот државен обвинител, Гасан Кури, поднесе обвиненија против сегашни и поранешни царински службеници во Бејрут во врска со разорната експлозија што ја погоди либанската престолнина во август.

Како што објави либанската државна новинска агенција ННА, обвиненијата се поднесени против претставниците на царината во Бејрут, Хани Хај Шехадех и Муса Хазимех, поранешен директор на царината во Бејрут, за кого медиумите тврдат дека е наводно „главниот контакт” на Хезболах во пристаништето на либанската престолнина.

Хазимех, наводно, бил лице за контакт на Хезболах пред повеќе од шест години кога нелегално биле складирани 2.750 тони високо запалив амониум нитрат во пристаништето во Бејрут, за што се верува дека довело до катастрофалната експлозија во која загинаа над 200 лица.

Либанската агенција наведува дека со обвинението против Шехадех и Хазимех, бројот на лица против кои се води постапката за експлозија е зголемен на 33, од кои 25 се наоѓаат во притвор.

На 4 август, во експлозијата на магацинот во кој имало амониум нитрат, загинаа повеќе од 200 лица, повредени беа илјадници граѓани на Бејрут, додека на либанскиот главен град беше предизвикана материјална штета од неколку милијарди долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.