Претседателот на Либан, Мишел Аун, не ја отфрла можноста за надворешна вмешаност во катастрофалната експлозија во главниот град Бејрут.

Аун информира дека истражителите вршат увид и сериозно испитуваат дали во инцидентот биле користени ракета или бомба.

Според изјавата на Аун, објавена од неговиот кабинет, истрагата за смртоносната експлозија е поделена во три фази.

Прво, како експлозивниот материјал влегол во земјата и бил складиран … второ, дали експлозијата е резултат на небрежност или несреќа … и трето, можност дека имало надворешно мешање – се вели во соопштението.

Аун додава дека го замолил францускиот претседател Емануел Макрон да му обезбеди на Либан воздушни фотографии за да утврди дали има докази за авиони или ракета. Тој истакна дека ако Париз не одговори позитивно на тоа барање, тогаш Бејрут ќе побара од другите земји да го сторат тоа.

Либанските власти првично соопштија дека експлозијата била поврзана со неправилно складирање на 2.750 тони амониум нитрат во пристаништето.

Од средтаа во Либан има тридневната жалост за жртвите од трагедијата, а во тек е и дводневна вонредна состојба во Бејрут, со можно продолжување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.