Лажни „Ковид“ потврди се продаваат преку Интернет за само 100 фунти откако Велика Британија во понеделникот ги отвори границите за целосно вакцинирани туристи, пишува британски „Сан“.

Како што се наведува во текстот, криминалците печатат фалсификувани европски и американски документи во соработка со меѓународна мрежа на корумпирани лекари кои внесуваат лажни податоци за вакцинација во националните бази на податоци.

Пораки на апликацијата Телеграм откриваат дека сертификат за вакцинација може да добие секој што не сака да прима вакцина, a му е потребен за работа или патување.

Уплатата се вршела преку Пеј Пал сервисот или со крипто валути.

Еден од измамниците што продаваaт сертификати навел дека секој сертификат е регистриран и автентичен и оти јасно покажува дека лицето е вакцинирано и внесено во државната база, со валиден идентификациски број.

Откако објаснил дека со помош на оваа документација може да се влезе во неколку различни земји, додал дека се работи на пристап и до медицинските системи во други земји.

Новинарите од Сан откриле шест такви криминални групи, со вкупен број од околу 230.000 следбеници ширум светот.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб, изјавил дека „не може да гарантира“ оти по отворањето на границите нема да има влез во земјата со лажни документи, но дека тоа е „малку веројатно“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.