Европската унија (ЕУ) и НАТО составуваат коалиција за војна со Русија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, коментирајќи ја одлуката на Украина и на Молдавија да им се даде кандидатски статус за ЕУ.

Говорејќи на прес-конференција во Баку по средбата со неговиот азербејџански колега, Лавров рече дека ситуацијата потсетува на ситуацијата пред Втората светска војна „кога Хитлер ги обедини повеќето европски земји за војна против Советскиот Сојуз“, пишува Анадолија.

„Кога започна Втората светска војна, Хитлер ги собра повеќето европски земји под своето знаме. Сега и ЕУ и НАТО ја составуваат истата модерна коалиција за да се борат, а најмногу за војна со Руската Федерација. Сето тоа внимателно ќе го разгледаме“, рече Лавров.

Тој ја најави втората билатерална средба за демаркацијата меѓу Ерменија и Азербејџан, која ќе се одржи во Москва. Тој посочи дека двете страни ја потврдиле подготвеноста да работат на тоа прашање, сметајќи дека е многу важно за сегашната фаза од решавањето.

Лавров ја повтори подготвеноста на Русија да придонесе за потпишување мировен договор меѓу Баку и Ереван и ја поддржа идејата за соработка 3 + 3 во Јужен Кавказ, кој ги вклучува Ерменија, Азербејџан и Грузија и нивните три соседи – Русија, Турција и Иран.

Запрашан за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија за членство во ЕУ, Лавров рече дека за разлика од НАТО, ЕУ не е воена организација и затоа членството во таа структура не претставува закана за Русија. Тој посочи дека Москва ги следи чекорите на ЕУ и дека се сомнева дека „русофобната политика“ на блокот наскоро ќе заврши.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.