Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ги отфрли тврдењата на британските медиуми дека руски шпиони го украле нацртот на британската вакцина на „АстраЗенека“, нагласувајќи дека таквите наводи се без основа и покритие.

Таблоидот „Сан“ на 10 октомври објави статија, во која се тврди дека руски шпиони ја „украле“ формулата за вакцината, развиена од британско-шведската компанија „АстраЗенека“, со цел да се направи руската вакцина „Спутник В“.

Медиумот во својот краток текст се повикува на неименувани безбедносни извори.

Што се однесува до нашите британски и други западни партнери, мислам дека ниту еден од нив нема сериозно да ги сфати овие неосновани тврдења. Од порано слушаме многу неосновани обвинувања. Иако има извештаи за ретки несакани ефекти од вакцината на „АстраЗенека“, при што неколку луѓе добиле згрутчување на крвта по имунизацијата, такви случаи не се забележани по примањето на вакцината „Спутник В“ – нагласи рускиот министер за надворешни работи.

Спорот се случува во момент кога Велика Британија и Русија имат спротивни успеси во кампањите за вакцинација.

Околу 85 проценти од Британците на возраст над 12 години примиле прва доза на вакцина против Ковид-19, додека речиси 80 ​​проценти се ревакцинирани. Од друга страна, само 33 проценти од населението во Русија е имунизирано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.