Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ја повика ЕУ на зајакнување на соработката, но и да го почитува принципот на немешање во внатрешните работи на суверените држави на Западен Балкан.

Би било добро да се договориме за принципите што вклучуваат обврска на немешање во внатрешните работи на суверените држави, како тие на Западен Балкан, така и кога станува збор за поранешните советски републики – порача Лавров.

По првиот дел од разговорот со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел во Москва, Сергеј Лавров оцени дека „постојат разлики“ меѓу Русија и ЕУ, но и дека тие се „партнери кои имаат заедничка одговорност за заедничкиот евроазиски континент“.

Се надеваме дека ЕУ, во контекст на дискусијата за стратешките односи со Русија, ќе донесе одлука за професионална, конструктивна и прагматична соработка – изјави Лавров, пренесува Танјуг.

Шефот на руската дипломатија ја истакнал важноста на соработката меѓу Руската Федерација и ЕУ во областа на економијата и трговијата и изразил надеж дека соработката во областа на енергетиката ќе се развива „во заеднички интерес“.

Лавров со жалење изјавил дека за време на пандемијата, кога беа потребни единство и солидарност, „некои во ЕУ ја искористија пандемијата и ја обвинија Русија за дезинформации“.

Лавров повика на ставање крај на таканаречената „дезинформациска војна“ и формирање на нови канали на комуникација засновани врз факти и професионализам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.